На територијата на Република Македонија има адвокати кои сите изгледа дека имаат слично образование, сите имаат лиценца и сите се специјализирани за работа во некоја област, но сепак искуствата што клиентот ги доживува со секој еден од нив се различни.
Како би знаеле дека токму вашиот адвокат е оној кој ќе ви обезбеди квалитетна правна помош и застапување?
Некои од следните особини се знаци дека сте одбрале добар адвокат:
- Не е премногу самоуверен во исходот на случајот. Без разлика на тоа колкаво искуство има или колку е стручен, добриот адвокат не смее и не треба да биде 100% сигурен за исходот на случајот. На секој поединечен случај влијаат премногу факти и премногу околности, а и природата на правниот систем е таква да едноставно не постои можност со сигурност да знаеме дали еден случај ќе го изгубиме или добиеме – и ако го добиеме колкав точно надоместок ќе бидеме во можност да добиеме од спротивната страна.
Одговорен и професионален адвокат ќе ви гарантира дека ќе се труди најдобро што може и ќе ве застапува најагресивно што е можно, но никогаш нема да ви вети дека со сигурност ќе го добиете случајот, да ви каже износ кој ќе можете да го надоместите или пак да ви каже точен временски рок за времетраењето на постапката. - Добар адвокат не треба да се однесува како наметлив трговец. Не смее да сокрива документи од вас ниту пак да ви подметнува документи за потпис и да ве уверува дека „Добро е, не треба да се грижиш, само си ја вршам работата“. Наместо тоа, тој треба на наједноставен јазик да ви објасни за што станува збор и што е она што бара од вас да го потпишете, зошто е неопходно и кои ќе бидат последиците ако (не) го потпишете таквиот документ. На пример, добриот адвокат детално ќе ви ги опише неговите услуги кога потпишувате договор со него, дел по дел, осигурувајќи се дека го разбирате овласувањето што му го давате како и границите во кои тој смее да работи.
Добариот адвокат исто така ќе ве советува дека можете во било кое време да го раскинете договорот со него и во било кое време можете да побарате совет од друг правник или пак да најмите друг адвокат по ваш избор.
Добриот адвокат е трпелив со неговите клиенти и се осигурува дека вие како негов клиент го разбирате целиот процес, никогаш не прави да се чуствувате неудобно, дека му досадувате или пак дека само си го губите времето со него. - Добриот адвокат е способен редовно да одржува контакт со вас како негов клиент и да му посвети онолку внимание на вашиот предмет, колку што е потребно. Адвокатот има обврска да комуницира со својот клиент постојано и континуирано во текот на постапката. Една од најчестите поплаки од страна на клиентите е дека најголемиот број на адвокати се тешки за комуникација, не одговараат на повиците, е-маил пораките или писмата од нивните клиенти или пак кога одговараат, одговорите се нељубезни, кратки и конфузни. Игнорирањето е фрустрирачко искуство во било која ситуација – професионално, социјално, а посебно пак кога станува збор за игнорирање од страна на сопствениот адвокат кој го плаќате со сопствени пари. Судските постапки се самите по себе доволно стресни и ги збунуваат и загрижуваат клиентите кога со нив не се управува правилно. Добриот адвокат никогаш нема да биде „премногу зафатен“ да возврати на вашите повици и секогаш ве известува за сите дејствија што се преземаат во текот на постапката.
- Добриот адвокат ќе ве посоветува не само за тоа како да го водите вашиот случај, туку и за тоа дали е разумно да воопшто постапувате по еден предмет, земјаќи ги во предвид времето, парите, енергијата што е потребна како и емоциите што се потребни за да се справите со целата постпка. Не секоја битка вреди да се води и некогаш е подобро, за свое добро, воопшто да не се почнува со борбата, дури и ако другата страна може да се извлече со нешто што не е праведно. Искрениот адвокат нема да ве натера да водите предмет што ќе го изгубите само за да ви наплати. Тој навистина ќе работи во ваш најдобар интерес, не само во начинот за заштита на вашите лични права, туку и во тоа дали е соодветно да се води постапка по еден случај.
- Добриот адвокат секогаш темелно и квалитетно ќе си ја заврши работата. Нема да бара изговори дека бил „премногу зафатен“ со работа и затоа неквалитетно ја завршил работата, туку ќе води сметка да не се проптоварува со многу предмети, за да може сите темелно и квалитетно да ги сработи. Добриот адвокат никогаш нема да го жртвува квалитетот на неговата работа, за сметка на квантитетот, бидејќи приоритет во работењето му е неговата репутација и грижата за неговите сегашни, но и идни клиенти.
- Конечно, вашиот адвокат не треба никогаш да биде „типичен“ адвокат. Добриот адвокат секогаш ги крши сите стереотипи и предрасуди што постојат за адвокатите и правната професија воопшто – ароганцијата, ачлноста и препотентноста. Тој е секогаш пријателски настроен, пријатен за разговор и вие всушност уживате во вашето заедничко работење.
Коментари