Периодот на застареност претставува период во кој доверителот може да бара од својот должник присилно исполнување на обврската. Со протекот на периодот на застареност, односно настапувањето на застареноста, престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската од страна на должникот.

Застареноста започнува да тече од првиот ден по денот кога доверителот имал право да бара исполнување на стасаната обврска од должникот, а истата настапува по истекот на последниот ден од рокот определен со закон. Застареноста започнува одново да тече доколку должникот го признае долгот или изврши одредена уплата по овој долг. Со подигање на тужба и со секое друго дејствие преземено од доверителот против должник пред суд или пред друг надлежен орган заради утврдување, обезбедување или остварување на побарувањето, се прави прекин на рокот на застареност. Според тоа ако рокот на застареност за одредена обврска во законот е определен на пет години, а доверителот по истекот на овој рок од пет години поднел пред судот тужба за наплата на тоа побарувањето, должникот со успех може да истакне приговор на застареноста и во таков случај нема да биде задолжен да ја исплати обврската.

Исто така, треба да се има во предвид дека судот по службена должност не внимава на застареноста и истата не ја зема во предвид без приговор на застареност истакнат од страна на должникот. Ова значи дека ако должникот не се повика на застареност пред судот, тужбеното барање на доверителот ќе биде усвоено, а должникот ќе биде задолжен да ја плати обвската без оглед на тоа што истата е застарена.

Доколку должникот исплатил застарена обврска, по истекот на рокот за застареност, тој нема право да бара исплатеното да му биде вратено, без оглед на тоа дали знаел или не знаел дека платената обврска е застарена.

Со договор или со друго правно дело, не може да се определи подолго или пократко време на застареноста од она време што е определено со закон, а не може да се определи ниту дека застареноста нема да тече за некое време.
Застареноста е неотповиклива и должникот не може да се откаже од неа пред истекот на времето определено за неа. Ако пак должникот писмено признае застарена обврска, ќе се смета дека тој се откажал од застареноста, па во ваков случај доверителот повторно ќе има право за наплата на обврската, иако истата е застарена.

Доколку ти е потреба помош или совет во врска со застареност или нешто слично НАЈДИ АДВОКАТ!

Коментари