Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по правните прашања од интерес за единствена примена на правото и воедначување на судската практика, на седница одржана на ден 26.02.2016 година, го донесе следното:

ПРАВНО  МИСЛЕЊЕ

 Возач почетник кој поседува возачка дозвола, а возилото го управува со брзина поголема од дозволената, односно со возило чија сила на мотор е поголема од дозволената со закон, или го управува возилото во патниот сообраќај во времето одредено со закон (23,00 часот до 5,00 часот) без присуство на лице-возач од соодветната категорија предвидена со закон, не се смета за лице без соодветна возачка исправа, па друштвото за осигурување што ќе ја надомести штетата предизвикана на тој начин, нема право на регрес за исплатениот износ.

О б р а з л о ж е н и е

До Врховниот суд на Република Македонија – Одделот за судска практика, поради воочената неконзистентна примена на законот, од апелационите судови на територијата на Република Македонија, доставено е барање за правно мислење по следното прашање:

Дали се смета за лице без соодветна возачка исправа возач почетник кој го управува возилото спротивно на условите од член 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.54/07) или пак се работи само за сторен прекршок од што зависи и правото на регрес од член 16 став 2 т.А од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на РМ“ бр.88/2005)?

Имено, ова правно прашање било разгледувано на заедничката работна средба на судиите од граѓанските оддели на Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Гостивар, Апелациониот суд Скопје и Апелациониот суд Штип одржана на 02.10.2015 година и на 03.10.2015 година, при што не била постигната согласност за воедначена примена на законот.

Апелациониот суд Скопје со допис упатен до Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Македонија, го достави погоре наведеното правно прашање, појаснувајќи при тоа дека во тој суд постои разлика во примената на законот. Во оваа насока посочени се и доставени неколку пресуди на истиот суд во кои се изразени разлики во примената на законските одредби од членот 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и членот 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот.

Поради воочената неконзистентна примена на законот, конкретното правно прашање било разгледувано на седница на Одделот за граѓански дела, при што не била постигната согласност за воедначување на судската практика во тој суд, па истото правно прашање  било поставено и на заедничката работна средба  на судиите од граѓанските оддели на Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Гостивар, Апелациониот суд Скопје и Апелациониот суд Штип, одржана на 02.10.2015 година и на 03.10.2015 година.  На оваа работна средба не била постигната согласност за воедначеност при примената на законот, поради што донесен е заклучок да се упати барање до Врховниот суд на Република Македонија за утврдување на правно мислење.

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање, го утврди правното мислење поради следните причини:

Согласно член 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на РМ“ бр.88/2005…бр.145/2015) предвидено е дека со осигурувањето од автомобилска одговорност се опфатени и штетите предизвикани со употреба на моторно возило од неовластено лице (став 1). Според став 2 од истиот член, за неовластено лице во смисла на ставот 1 од овој член се смета лице кое: а) управувало со моторно возило без соодветна возачка исправа (вклучувајќи лице кое е на обука за добивање возачка исправа без присуство на овластено лице) или б) на нелегален начин управувало со моторно возило или лице кое е соучесник во таквиот чин или в) управувало со моторното возило под дејство на алкохол над дозволеното ниво согласно со закон, наркотички дроги или психотропни супстанции. Друштвото за осигурување што ќе ја надомести штетата предизвикана со употреба на моторно возило од страна на неовластено лице, според став 3 од наведениот член од законот, има право на регрес за исплатениот износ на надомест на штета заедно со камата и трошоци создадени на тој начин од неовластеното лице.

Со Законот за  безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.54/07) поимот возач почетник е дефиниран во одредбата од член 2 став 1 т. 55 така што е наведено дека „Возач-почетник“ е секој возач на моторно возило до 21 година возраст, како и возач на моторно возило во период од две години по добивањето на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство. Возач-почетник е и возач на возило во периодот од две години по добивањето на возачката дозвола од одредена категорија, независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.

Соодветна дефиниција е содржана и во Законот за  безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.169/2015) во одредбата од член 2 став 1 т. 104 при што не е предвидено ограничување на возраста до 21 година.

Според член 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.54/07) возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите  ,,А“, ,,Б“ и „Ц“, односно од поткатекориите „А1“ и „Ц1“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола (1). Возачот од ставот (1) на овој член, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото се наоѓа лице-возач постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило(2). Согласно став 3  од истиот член на законот, возачот од ставот (1) на овој член, кој поседува возачка дозвола од ,,А” категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 25 киловати, а според став 4, возачот од ставот (1) на овој член кој поседува возачка дозвола од ,,Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати. Со последниот став 5 од споменатиот член предвидена е глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност за возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите од (1) до (4) на овој член.

Со одредени измени, слично законско решение е содржано и во членот 277 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РМ“ бр.169/2015), кој гласи: (1) Возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите ,,А1“, „А2“, ,,А“, ,,Б“, ,,Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола. (2) Возач-почетник на моторно возило, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач, од соодветната категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило. (3) Возачот од ставот (1) на овој член, кој поседува возачка дозвола од ,,А” категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 25 киловати. (4) Возачот од ставот (1) на овој член кој поседува возачка дозвола од ,,Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати. (5) Мандатен платен налог со глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бода согласно со одредбите од овој закон на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите од (1) до (4) на овој член.

Имајќи предвид дека во цитираните законски одредби од Законот за  безбедност на сообраќајот на патиштата возачот – почетник е лице кое поседува возачка дозвола од соодветна категорија, а доколку управува спротивно на одредбите од член 240, односно член 277 од овој закон ги прекршува сообраќајните прописи што подлежи на соодветна прекршочна санкција, следуваше да се усвои правното мислење како што погоре е наведено.

Ако имаш ваков или сличен проблем НАЈДИ АДВОКАТ!

Коментари